Интервју со Марија Максимовска – Атанасовска

IMG_9999 (208)

Марија Максимовска – Атанасовска живее во Куманово. Работи како бармен во Кафе бар Агора, и има 29 години.

Кафе бар Агора постои скоро 22 години. Со работа почнува во февруари 1994 година. Оттогаш па наваму почнува да се плете приказната на Агора и да се гради имиџот и култот на едно навистина ретко и неповторливо underground место. Чести гости се и постари и помлади, така што неретко се случува во исто време на исто место да се излезени и татко/мајка и син/ќерка. За да биде сѐ така хармонично, овие луѓе ги спојува љубовта кон музиката и добриот пијалок, а не годините.

– Дали е ова првото твое учество на коктел натпреварувања?

Да, овојпат ја имав таа чест прв пат да учествувам на коктел натпреварување.

– Што те инспирираше да го направиш најатрактивниот коктел на VBC?

По природа сум човек кој сака да меша вкусови. Ги обожавам комбинациите благо – луто, благо – солено, благо – кисело… Она што за нашите простори е невообичаено во однос на кујната, мене ми причинува задоволство. Токму поради тоа, ретко имам прилика да уживам во вакви специјалитети, па прво нешто на кое ми текна кога дознав за овој натпревар е нормално, да се обидам да се претставам себеси, смислувајќи коктел кој пред сѐ би го доловил токму она во кое јас уживам. Како креатор на коктел (како дел од миксологијата), имав широк размер на состојки кои можам да ги употребам. Едно време се појави чоколада, со chilli полнење, но за жал беше ‘Limited edition‘, така што токму тука лежи и мојата инспирација за Balkan Vampire. Сакав да биде нешто благо, со мек вкус, без да се чувствува алкохолот, да биде пријатно, а откако ќе го проголтаме мекиот, благ, пријатен вкус, да следи изненадување во форма на луто загревање на грлото.

IMG_9999 (136)– Колку време се занимаваш со правење коктели?

Можеби звучи чудно, но со правење коктели се занимавам само 4 месеци. Иако во светот на угостителството сум полни 7 години, оваа сезона нашиот работодавец доби брилијантна идеја да почнеме да правиме коктели. Секако, тоа мора да биде сосема професионално, па јас и уште двајца мои колеги посетувавме обука за бармени. Веднаш после тоа, летово, почнавме со правење коктели. Гостите беа пријатно изненадени, ги прифатија, и сега работиме со полна пареа.

– Дали често смислуваш нови коктели?

Досега немам смислено мои коктели освен Balkan Vampire. Се случувало некој веќе познат коктел да не ми го исполнува очекувањето, па јас си давам за слобода да додадам некоја состојка. Секако, тоа е само за лична употреба, а коктелите кои ги служиме се според оригинални рецептури. Ова е мој прв коктел, и со добивањето на оваа награда добив инспирација и самодоверба, така што мислам дека во иднина бројот на моите авторски коктели ќе се зголеми.

– Што мислиш зошто жените во Македонија, па и во светот се помалку застапени во уметноста на правење коктели? Дали мислиш дека ситуацијата се менува?

За жал, барем на нашите простори постои еден вид предрасуди за жените келнерки. Секако, мислам дека во водите на угостителството се почнува првин како келнер, а потоа и со работа во шанк – бармен. Денес, сите се стремиме кон повисоко образование, па многумина, посебно од женската популација се одлучуваат да не работат ништо и да седат дома со дипломата, отколку да “се понижуваат себеси” и да работат како келнерки. Незнам зошто, но многумина мислат дека оваа професија е неблагодарна, и дека не секој може да го издржи тој притисок, од страна на “секакви” гости. Но, според мене, ова е само една неоснована вистина. Работата си е работа, чесна, чиста, за мене прекрасна. И јас почнав да работам во 4та година од факултет, а сега го изготвувам мојот магистерски труд. Работа од областа на моето образование не најдов (инаку психолог), но оваа ја задржав. Моето мото е дека на работа на сите треба да ни биде пријатно и убаво, и да не одиме на работното место со негативни мисли. Така си развив љубов кон работата, и сега уживам во неа.
photo_2015-10-09_17-02-10Во однос на тоа дали ситуацијата се менува, за жал мислам дека неможе да се смени во некој голем размер. Мал е бројот на жени кои сакаат да се враќаат доцна од работа, да бидат цело време на нозе, и да умеат да воспостават правилен контакт со секој гост. Повеќето од нив, не ги познаваат предностите на ваквата работа, па затоа и не се одлучуваат за оваа професија. Мислам дека ова нема да се смени, барем не во скоро време. Често правам шега дека јас не сум barMEN, туку barWOMEN.

– Кој е твојот омилен коктел?

Има повеќе коктели кои ми се допаѓаат, и неможам да издвојам само еден. Number one ми е Ginger – Caipiroska, а во листата на омилени мора да ги споменам и Pina Colada, Bloody Mary, Grasshoper…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

*