Утрешниот ден е значаен за женскиот кошаркарски клуб Бадел 1862, но и за македонската женска кошарка воопшто. Со почеток во 18 часот, во СРЦ Кале, Баделки во дуелот со загрепска Трешњевка 2009 ќе го одиграат својот прв официјален натпревар во Првата Меѓународна женска кошаркарска лига – Јадранска Лига. Како што беше нагласено на денешната прес-конференција во хотелот Стоун Бриџ, ова е значаен настан за македонската женска кошарка, бидејќи по подолго отсуство македонски тим повторно се натпреварува во оваа престижна лига.
Прес-конференцијата ја водеше доајенот на македонската кошарка, Огнен Герасимовски. Тој го нагласи значењето на 20-годишната поддршка која Бадел 1862 ја дава на македонската женска кошарка и ја поздрави одлуката за настап во Јадранската лига, и тоа на сите три тимови: сениорскиот и двата младински.
Љупчо Павловски, управител на Бадел 1862, изјави дека клубот се одлучил на ваков револуционерен чекор поради падот на квалитетот на домашната лига, каде Баделки се буквално без конкуренција. „Се надеваме дека ќе го подигнеме нивото на квалитетот, затоа што без јаки натпревари не може да очекуваме напредок“, изјави Павловски, „и со сето ова се надеваме дека ќе ја подигнеме женската кошарка на повисоко ниво.“ Тој ѝ заблагодари на Кошаркарската Федерација на Македонија што му овозможи на клубот да настапува само во летниот дел од домашната сезона.
Тренерот на сениорската екипа, Перо Стамески, рече дека главна цел на тимот е да стекне меѓународно искуство. Капитенот на екипата, Нена Секуловска изјави дека тимот се подготвувал напорно за ова натпреварување, и дека тимот ќе го даде својот максимум и ќе го подигне нивото на игра за да биде достоен противник во Јадранската лига.
Во Јадранската лига ќе настапуваат и младинските тимови на Бадел 1862. Тренерите на тимовите, Александар и Борче Домлевски го потенцираа значењето на настапот на младинските тимови во Јадранската лига. Според нив, меѓународното искуство на оваа генерација кошаркарки ќе придонесе за подобрување не само на клубот, туку на женската кошарка воопшто.
На прес-конференцијата присуствуваа и младинките Теодора Тошевска и Јана Николовска кои изразија благодарност за шансата да се натпреваруваат на меѓународен план. Сениорската екипа настапува во Групата Б, во конкуренција со „Трешњевка 2009“ од Загреб, „Радивој Кораќ“ од Белград, „Athlete“ од Целје, „Гросбаскет“ од Гросупље и „Челик“ од Зеница. За жал, досега националните телевизии не покажале интерес за телевизиски пренос на натпреварите, но истите ќе може да се проследат во живo на интернет страницата на лигата.