(интервју со Љупчо Павловски, директор на Бадел 1862 – Скопје, објавено во специјален прилог за Хрватска во Нова Македонија)
Компанијата „Бадел 1862“ е присутна повеќе од 50 години на македонскиот пазар. По распадот на Југославија се одвојува како посебна компанија „Бадел 1862“-Скопје, како дел од истоимената хрватска компанија. Статистичките податоци за увозот на алкохолни пијалаци покажуваат дека на македонскиот пазар „Бадел“- Скопје учествува со 55 отсто од вкупниот увоз на алкохолни пијалаци. Компанијата се јавува и како извозник на производи од Македонија, со извоз од околу 700.000 литри вино, 200.000 литри вински дестилат, гроздов концентрат, како и плодови од смрека, кои се основна суровина за производство на џин. Директорот на „Бадел“-Скопје вели дека интересно е тоа што македонските граѓани на „Бадел“ гледаат како на домашен производител, токму поради долгото присуство на пазарот. Павловски напоменува дека „Бадел 1862“-Скопје е општествено одговорно претпријатие, кое во континуитет вложува во женската кошарка во ЖКК Вигор-Скопје до 2012 година. Овој клуб е најтрофеен клуб во Македонија со освоени девет куп-титули и девет шампионски титули, а од минатата година компанијата го спонзорира ЖКК Бадел 1862-Скопје и е правен наследник на ЖКК Вигор, а актуелен освојувач на Купот на Р. Македонија за 2014 година. ЖКК Бадел 1862 од следната година ќе се натпреварува во регионалната јадранска женска кошаркарска лига.
Брендот „Бадел“ постои веќе 152 години, можете ли да ни раскажете за почетоците на производството?
– „Бадел 1862“ е горд на својата традиција, која трајно влијаеше на името на брендот и со тоа не им оддаде почит с¬мо на своите предци, туку јасно укажува и на куќа со долга традиција. „Бадел 1862“ е најголем и најстар произведувач на вино и на алкохолни пијалаци во Хрватска. Денес е најголема хрватска компанија во својот сектор, со присуство од повеќе од 55 отсто на пазарот на јаки алкохолни пијалаци, а самиот „Бадел 1862“ извезува 73 отсто од целокупниот хрватски извоз на јаки алкохолни пијалаци. Ориентацијата кон програмата за вино резултира со едно од водечките места меѓу производителите на вино во Хрватска, каде што бележи и континуиран пораст на пазарот. Фрањо Покорни во 1862 година ги поставил темелите за производство на алкохолни пијалаци, тој самиот го произведувал, пакувал и дистрибуирал производот до трговците. Невидената упорност набргу почнала да носи плодови, со текот на времето од своите производи тој создавал најголема извозна сила во својата бранша. Набргу го прошири пазарот на средноевропските земји, а ликерите, освен главните европски метрополи, го опколиле и царскиот француски двор на Наполеон Трети. Уште едно значајно име е Мијо Арко, еден од првите хрватски експерти во винските подруми, кој во 1867 година ја почна трговијата со вино и со ракија. Неговиот син Владимир го наследи и го разви производството на пожесток индустриски ликер и поради негова заслуга компанијата „Арко“ стана ценето име во производството на коњак, шампањ, рум, ракија, ликер и други пијалаци. Компанијата „Патриа“, формирана во 1886 година, се одликува со избрани алкохолни пијалаци, со оглед на тоа што поседуваше сопствена дестилерница. Главниот производ им беше „Pa¬tria brandy medicinal“, кој со својата омиленост ја надживеа компанијата. По завршувањето на Втората светска војна доаѓа до значајни промени, бидејќи се формираат фабриката за ликер и рафинеријата за алкохол „Маријан бадел“. Четврт век подоцна се спои со компанијата „Винопродукт“, која поседуваше винарници, и на тој начин почна традицијата на вино во „Бадел“.
Факт е дека речиси цела историја на „Бадел 1862“ е симбол за квалитетни јаки алкохолни пијалаци. Стратегијата за развој на „Бадел 1862“ како селектор за најдобри хрватски вина, под заедничкиот назив „Вина од Хрватска“, ја направи компанијата една од најголемите хрватски вински куќи.
Обединувањето на винарниците од винските области му овозможи на „Бадел 1862“ да ја креира винската карта на Хрватска. Сопствените лозови насади и подрумите во Дарувар, Крижевци, Бенковац и во Неспеш, како и соработката со производителите на долгата традиција на вино од „ПЗ Свирче“ од островот Хвар и полуостровот Пељешац, му овозможуваат на „Бадел 1862“ цврсто место во производството на вино во Хрватска.
Каков асортиман на производи има „Бадел“ денес? Можеме ли да очекуваме производство на нови пијалаци?
– „Бадел 1862“ на пазарот постојано лансира производи и иновации. Во последните неколку години беше претставена премиум-вотката „сварог“. Следејќи ги европските трендови на популарност на пијалаците, палетата на ракија и ликери беше дополнета со „Medica“, „Borovnica“, „Travarica“, „Oraho¬vac“, „Višnjevac“ лансирана е и премиум „Korlat loza“, додека на популарниот баделов „Pelinkovac gorki“ му се приклучија „Pelinkovac Antique“ и „Pelinkovac orange“. Засадени се и нови лозови насади на Корлат, покрај Бенковац, чии вина „сирах“, „каберне совињон“ и „мерлот“ од појавувањето на пазарот ги освојуваат светските награди на меѓународните саеми во Париз, Брисел и во Лондон).
Колку традицијата од век и половина ви помага во освојување нови пазари?
– Традицијата е она што во модерниот маркетинг и односите со јавност се идентификува со брендирање, заштитна марка, а е базирана на фасцинација на потрошувачката традиција, односно традиција на создавање заштитен дел на брендот, а на „Бадел 1862“ традицијата не му недостига. Линијата на производи со традиција од три века се баш оние производи што со својот квалитет се изборија за постојано место на пазарот. Единствена промена е таа на дизајнот и современата производствена технологија и изменетиот маркетиншки пристап. „Badel prima Brand(y)“, „Badel Pelinko¬vac gorki“, „Badel stara šljivovica“, „Dingač“ се само некои од традиционалните производи. Тие останаа лидери на пазарот токму поради своите квалитети, а квалитетот е и водилка за сите нови производи на „Бадел 1862“.
Филозофијата што длабоко е вткаена во работењето на „Бадел 1862“ е постојано насочување кон иднината и кон производите што освојуваат нови пазари, ние настојуваме да ги земеме најдоброто од минатото и уште подоброто од иднината. Оттука, „Бадел 1862“ е во фина рамнотежа помеѓу традицијата и новото и меѓу европските критериуми и автентичните хрватски вредности.
Во кои држави во светот може да се купат вашите производи?
– „Бадел 1862“ извезува во повеќе од 25 земји во светот и претставува најзначаен извозник на јаки алкохолни пијалаци во Хрватска. Покрај земјите во регионот, најзначаен извозен пазар се Германија, Словачка, Кина, Австралија, Швајцарија, Канада, Полска, САД.
Важите за бренд што ја надживеа Југославија, какви се вашите искуства на пазарите во државите што произлегоа од поранешната федерација?
– Блискоста со пазарите од поранешната федерација обезбеди посебно место за нашите производи на полиците во тие земји. Еден пример од неодамна, за време на војната во 1990-тите во Хрватска, нашата компанија „Бадел 1862“ во Скопје ниту еден ден не престана да работи во Македонија. Се патуваше во Македонија и преку Австрија и Словенија, а производите патуваа преку Унгарија, Романија и Бугарија, но секогаш стигнуваа навреме. Македонскиот пазар никогаш нема останато без баделовите производи. Токму поради квалитетот, „Бадел“ е еден од најпопуларните производители на пијалаци во Македонија.
Можете ли да издвоите некои познати личности од просторите на поранешна Југославија што биле љубители на пијалаците од „Бадел“?
– Глумците од театар, од естрадата, филмаџии, новинари… Поранешните југословенски држави сигурно не би биле исто без баделовите производи.
Каде на Балканот најмногу се трошат производите на „Бадел“?
– „Бадел 1862“ и понатаму соработува со сите земји од поранешната федерација, а најмногу се извезува во Босна и Херцеговина и во Македонија. Значаен извоз се остварува и со Србија, Словенија и со Косово.