Во далечната 1862 година во Загреб, претприемачот Фрањо Покорни (Franjo Pokorny) ја основал првата хрватска модерна фабрика за ликери и со тоа ги удрил темелите на “Бадел 1862”. Уште во првите години од работењето, фабриката на Покорни забележала значителни успеси, меѓу кои и сребрен медал на Првата далматинско-хрватско-славонска изложба во Загреб 1864 година, како и најразлични признанија на трговската изложба во Штаерска во 1865, на светската изложба во Порто во 1865, на меѓународната изложба во Виена во 1866, на светската изложба во Париз во 1867, на поморската изложба во Авр во 1868, и многу други. Покрај многубројните признанија на светско ниво, за квалитетот на производите на Покорни говори и фактот дека токму со овие ликери бил снабдуван царскиот двор на Наполеон III во Франција. За квалитетен производ се слушало надалеку дури и во 1860-тите, па ликерите на Покорни биле извезувани и во Хамбург, Будимпешта, Виена и многу други градови низ Европа.
По успешното освојување на Европа, амбициозноста на Покорни и вербата во својата богата линија ликери го однела и на прекуокеански походи. Со финансиска помош од хрватската Влада, во 1876 Покорни учествувал на меѓународна изложба во Филаделфија оддржана по повод стогодишнината од прогласувањето на независноста на САД, притоа привлекувајќи огромно внимание меѓу многубројните посетители. Со своите ликери и со посебни книги напишани од страна на познатиот хрватски статистичар Петар Матковиќ, Покорни служел како успешен амбасадор на Хрватска и Славонија на оваа манифестација од светска важност.
Во текот на следните години, Покорни продолжил да го проширува својот пазар и да го зацврстува постоечкиот низ многу земји во Европа, вклучувајќи ги и Германија, Франција, Англија, Италија, Белгија, Холандија, Русија, Турција, Мала Азија и Америка. Во 1878, на меѓународната изложба во Париз, Покорни освоил златен медал за вина и сребрен медал за ликери и бил одликуван како почесен витез од страна на претседателот на Француската Република, маршал Патрис д’ Мак-Маон. Следи учество на трговската изложба во Секешфехервар, Унгарија и на јубилејната меѓународната изложба во Загреб каде што бил прогласен за претседател на винарската порота.
Во наредната декада, поради сериозни здравствени причини, Покорни бил принуден да се повлече од својот бизнис и да ја продаде својата фабрика на Еуген Јанушиќ. И покрај промената на околностите, фабриката го задржала името на Покорни и го зајакнала присуството на прекуокеанските пазари, особено Јужна Америка. По 1918 година, фабриката го носела името “Овластена Кралска Загребска Акционерска Фабрика за Ликери, Пред Фрањо Покорни”, поседувала акции вредни 2,500,000 динари, вработувала педесетина работници и била опремена со најсовремени апарати за прозводство на кремасти ликери, француски ликер-специјалитети, домашни овошни ракии, домашни и увозни румови.
Пред Втората Светска Војна, фабриката била во сопственост на М. Фишел и Синови, Крека, со седиште во Крека, Југославија. Пред распадот на Југославија, браќата Фишел исчезнале, а фабриката била продадена на Миј Гаврановиќ. По војната, Гаврановиќ пребегал во странство, а фабриката била конфискувана од страна на државата.
продолжува…